Професорот Зијад Беќировиќ, еден од првите луѓе на Институтот за блискоисточни и балкански студии добива нула денари за советување на Владата, а неговиот ИФИМЕС – илјада евра месечно. Премиерот Заев, откако неколку дена Алфа бара одговор, конечно се огласи…

„Господинот Зијад Беќировиќ е платен нула денари. Про боно е ангажиран како советник. ИФИМЕС е ангажиран за 1.000 евра месечно. ИФИМЕС е познат институт на регионално ниво, доста кредибилен институт“, изјави премиерот Зоран Заев.

Има ли докази за тоа? Постојат ли договори одделно со ИФИМЕС и одделно со Беќировиќ? Алфа официјално ги побара од Владата. До почетокот на овие вести, нема одговор од Владата.

Инаку, Зијад Беќировиќ е автор на серија анализи во кои тврди дека Македонија е мета на напад од надворешни сили, со цел спречување, односно блокирање на евроинтегративниот пат. За случајот „Рекет“, тој тврди дека е меѓународна разузнавачка операција, која има за цел „разнишување“ на Владата во Скопје. Алфа вчера успеа телефонски да стапи во контакт со професорот Беќировиќ. Тој ни вети одговори на писмено…

-Одам на ручек. Ќе бидам на ручек со ценет професор, па…
-А, дали може…
-По мејл. Пуштете ми ги прашањата по мејл, ќе ви одговорам. Не е проблем.

Но никогаш не стигнаа…

ИФИМЕС и’ е познат на јавноста по отворените лобирања преку анкети, трибини и други начини за Заев и за СДСМ и пред да дојдат на власт и потоа. Во предреферендумскиот период, ИФИМЕС објави анкета дека околу 64 проценти Македонци ќе излезат да гласаат, што беше далеку од тоа што се случи. Премиерот Заев, но и претседателот Пендаровски беа учесници на конференциите на Институтот, одржани изминатите месеци во Словенија.

Самиот автор на текстовите, Зијад Беќировиќ е обвинет од Словенечките медиуми дека заедно со градоначалникот на Копер, испумпувале пари од буџетот на градот за студии – плагијати, кои потоа ги делеле.